ВИДЕО Срничка спасена од каналот во Кочани

Во утринските часови во Кочани беше забележана мала машка срничка која паднала во канал за наводнување. Поради својата мала големина и повредите на копитцата од грубиот бетон, животинката сама не можеше да се извлече.

Во координација со Ловечкото друштво – Кочани и волонтерите од Доброволното противпожарно друштво (ДПД – Кочани), веднаш беше организирана спасувачка акција. Срничката беше успешно извлечена, прегледана од ветеринар и доби прва помош – повредите беа преврзани, а животинката сместена на безбедна локација. По целосно опоравување, таа ќе биде пуштена повторно во природата.

Градоначалникот на општина Кочани, д-р Владко Грозданов, им се заблагодари на сите кои се одзваа и помогнаа.

„Горди сме што нашите служби, ловци и волонтери реагираа брзо и посветено. Ова е доказ дека Кочани има големо срце и знае да се грижи за секој живот“, истакна тој.