Прекин во работата на жичницата на планината Улудаг, во близина на турскиот град Бурса, денеска доведе до тоа 51 лице да останат заглавени во кабините за време на превозот, пренесе државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, позната по хотелите и капацитетите за зимски туризам. Поради технички дефект, патниците останале блокирани на неколку метри над земјата.
По пријавата на бројот за итни случаи 112, на терен биле ангажирани 96 спасувачи, меѓу кои припадници на жандармеријата, медицински служби, пожарникари и екипи од Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби, а во акцијата се вклучиле и тимови од соседниот округ Сакарија.
По координирана интервенција, сите 51 лице биле безбедно евакуирани. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја им честиташе на спасувачките тимови за успешната и навремена акција.
Надлежните институции започнаа истрага за утврдување на причините за дефектот. Жичницата во Бурса, пуштена во употреба во 1963 година и целосно реконструирана во 2015 година, долга девет километри, важи за една од најдолгите во светот и е меѓу најпосетуваните туристички атракции во регионот.
Uludağ'da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
