ВИДЕО Три лица загинаа, осум во критична состојба – црн биланс по превртувањето на автобусот кај Сремска Митровица

Во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи на патот помеѓу Сремска Митровица и селото Јарак, животот го загубија три лица – две на лице место, а едно почина во болница поради тешките повреди.

Од Општата болница во Сремска Митровица за РТС потврдија дека состојбата на 39-те повредени патници е непроменета. Осум лица се на Одделението за интензивна нега, дваесет на Општа хирургија, а единаесет се згрижени на Ортопедија, пренесе „Телеграф“.

На социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како автобусот со помош на јажиња се извлекува од местото на несреќата и се транспортира кон главниот пат, кој по интервенцијата повторно беше отворен за сообраќај.

Министерството за внатрешни работи на Србија информира дека е уапсен 70-годишниот возач на автобусот, Д. К., вработен во превозникот „Сирмиум автобус“. Тој е осомничен за тешко дело против безбедноста на јавниот превоз и за предизвикување сообраќајна несреќа со три жртви. На возачот му е одреден притвор до 48 часа.

Доктор Воислав Мирниќ од Општата болница во Сремска Митровица изјави дека по несреќата биле примени 61 пациент, од кои 39 се задржани на набљудување.

„Осум тешко повредени се на интензивна нега, две лица беа во операциона сала, а еден пациент, за жал, почина. Еден повреден беше пренесен во Центарот за итни случаи во Белград“, рече Мирниќ.

Тој додаде дека во приемот и згрижувањето биле вклучени над 120 здравствени работници и техничари, кои за само 45 минути успеале да транспортираат 35 пациенти до болницата.

Иако моментално има доволно залихи на крв, болницата упати апел до граѓаните да се приклучат на акцијата за доброволно дарување крв што ќе се одржи утре во Црвениот крст на Сремска Митровица, од 8:30 до 13 часот.