Од првиот четврток после Велигден па се до Спасовден, стотици посетители од цела земја доаѓаат да се протнат под водата на Црн Камен, сакрално место во срцето на Македонија близу Велес кое е познато по својата исцелителна моќ.
Иако според традицијата доаѓа само во четврток пред зајдисонце, посетителите доаѓаат секој ден во месноста сокриена во пазувите на двата рида веднаш после манастирот „Свети Димитрија“ на два километри јужно од Велес, со верба дека каменот ќе им помогне во нивната мака.
Според народните преданија месноста Црн Камен го добила името по црн историски настан кој се случил пред стотици години. Група непознати напаѓачи заклала 40 свештеници и монаси и се верува дека црната боја на карпите и камењата е всушност пролеаната крв на поповите и монасите. Стариот град Вила Зора, претходникот на Велес, е во непосредна близина на Црн Камен и се верува дека тука бил храмот во кој живеле свештениците што служеле во градот и околината.
– Тука биле заклани 40 свештеници за време на Отоманската империја. Се верува дека црната карпа е крвта на свештениците. Ова место се слави и се посетува најмалку 100 години – вели 66-годишен граѓанин од месноста Којник во Велес кој се искачува еднаш неделно до локалитетот за рекреација поради блискоста до градот.
Од карпите тече водопад висок педесетина метри кој според преданијата има исцелителна моќ. Кога се доаѓа првпат, се мине трипати под водата, посетителот треба да се намокри и потоа се зема камче, се замислува желба и тоа се чува до следната година. Оној што го земал камчето, кога ќе дојде повторно треба трипати да помине низ водата и да го врати камчето близу местото од каде што го земал.
Се случувало водата да бега од некои луѓе како “ѓаволот од крст“ што според обичаите значело дека имале направено некој грев па си оделе дома расплакани.
– Луѓето доаѓаат 40 дена после Велигден, секој ден. Доаѓаат претежно за здравје и доаѓаат жени кои не можат да имаат поколение. Оние што доаѓаат за потомство врзуваат прслуци и гаќи, маички, хулахопки, се што е долна облека на таканаречените дрва на желби, даваат дарови и облека, а тие што се дојдени за здравје оставаат по нешто на иконите во близина на карпата – вели клисарот Благој од манастирот „Свети Димитрија“ кој редовно се искачува до карпата за да го исчисти теренот, да донесе свеќи и да ги исчисти иконите.
Тој е вистински хроничар на приказните од луѓето кои доаѓаат тука да го најдат „лекот“ за да добијат деца. Вели, секоја година доаѓаат се повеќе и повеќе луѓе од сите краишта. Се поминува за здравје на болни луѓе, но најмногу за пород.
– Едни жени доаѓаа тука неколку години за да добијат деца. После некоја година дојдоа тука и ми се пофалија дека добиле деца и тоа близначиња. Јас сум сведок дека карпата има исцелителна моќ. Секоја година доаѓа една жена од Скопје за да му се заблагодари на каменот што постои. Нејзината мајка пред 50 години се породила со неа откако дошла да се натопи со вода кај Црн Камен, а претходно долги години немала деца – додаде црковното лице.
За време на посетата, пристигнаа граѓани од Скопје, Куманово и Гостивар, но бидејќи доаѓаа по првпат, не сакаа од срам да зборуваат за маката која ги натерала да веруваат во чудото на Црн Камен.
Некои од среќните луѓе кои ја почувствувале моќта на каменот и водопадот, ги крстат своите машки деца Димитар според заштитникот на манастирот „Свети Димитрија“ кој, според верувањата, треба да се посети за да се исполнат желбите. Местото може да го посетат и оние кои не веруваат во народните преданија и исцелителната моќ, пред се, поради убавината на водопадот висок педесетина метри.
Каменот е симбол на вечноста и на плодноста
На 30 километри источно од Велес, во близина на селото Ерџелија до Свети Николе се наоѓа Говедаров камен, голем камен за која се верува дека им дава пород на жените кои не можеле да забременат со методите на класичната медицина. Традицијата вели дека брачниот пар избира кум на самото место и заедно со кумот плетат плетенка од бел и црвен конец. Трипати се заобиколува каменот и се остава до него, а потоа се пие од водата во длабнатините на каменот за која се верува дека е лековита. Доколку жената забремени, на празникот Ѓурѓовден по раѓањето на детето се принесува јагне кое треба да се заколе свртено кон југ. Детето на челото се мачка со крвта за која се верува дека има магична моќ.
Каменот е симбол на стабилноста, издржливоста, вечноста кој според легендата за богот Прометеј го задржал човековиот мирис. Поради својата трајност и цврстина, каменот ја симболизира моќта на мажот и плодност. Каменот со неговиот необичен и таинствен облик е асоцијација за натприродното и длабоко е вгнезден во човековата верба дека ги исцелува сите болести.
Белиот мост во Врање: Изграден за доброто на секој човек
Во различните култури, меѓу различните народи, каменот и неговата симболика е толкуван на различен начин. Балканот изобилува со голем број култни места, локалитети, храмови и гробници, стари легенди и преданија кои народот ги почитува од памтивек до денес.
Негувањето на традицијата, пренесувана од генерација на генерација, создало обредните дејствија да се зачувани и во соседна Србија, а оваа појава на Балканот влече корени од историјата и традицијата која се создавала пред се во Османлискиот период.
На 100 километри северно од Велес, на југот во Србија во градот Врање се наоѓа мостот Белиот Мост или Мостот на љубовта кој е изграден во првата половина на 17-век. Мостот се наоѓа над Врањска река, во улицата Девет Југовиќа, а се наоѓа и на грбот на градот Врање. Претставува недвижно културно добро како споменик на културата.
„ Овој мост ќе се вика Бел мост, тоа ќе послужи како олеснување. Водата што тече под неа, нека му служи на народот за здравје! Минувачи, поминете еднаш преку мостот и вратете се: Ќе видите дека е изграден за доброто на секој човек“, ова е написот на арапски јазик на плочата на Бел Мост која сведочи за забранетата љубов на убавата Турчинка Ајше и српскиот овчар Стојан. Нивната љубов завршила трагично, а по нејзината смрт со парите од нејзиниот мираз бил изграден мостот.
Петте века под турско ропство оставиле оставиле трага врз културата, традицијата и обичаите. Нивната трагична приказна донела и многу верувања. Се смета дека за среќа во љубовта мостот мора да се помине двапати, некои веруваат дека водата која протекува тука носи среќа во љубовта, додека други и се поклонуваат на градбата плашејќи се од зла коб поради приказната за трагичната љубов.
– Кога зборуваме за верувањата за мостот, тие се човечки поврзани со легендата. Иако се говори за трагичен настан, тука се пропагира љубов и како таква има одредени ритуали кои се практикуваат со оглед на тоа дека Ајше го оставила миразот од кој се направил овој мост. Во денешно време, младите на празникот Свети Трифун, посебно девојките по два-три пати поминување на мостот се враќаат на мостот, го замислуваат својот животен сопатник и фрлаат паричка во реката која треба да ги симболизира парите од миразот. Тоа е доста привлечна приказна за туристите. Тоа е лајт мотив за секој турист да ја посети локацијата – објасни Милан Здравковиќ од Туристичка организација Врање.
Човекот по природа е немоќен, верувањето во чуда го смирува
Еден од најистакнатите социолози во Македонија, проф. д-р Илија Ацески го објасни феноменот на верување во одредени натприродни појави преку социопсихолошката димензија.
– Кога човекот ќе се најде во некоја невоља, кога му се случило нешто, некогаш и сега, почесто избегнува да ја бара помошта во институцијата и во знаењето и стручноста. Тоа доаѓа од фактот дека е создадена една свест дека таква помош нема да има некоја посебен ефект туку да се обратиме на нешто кое е во голема мера дефинирано како чудо поврзно со натприродна сила.
Вие таму ќе отидете ќе го направите тој ритуал и ќе живеете еден период дека тоа може да ви помогне. Тоа е истиснување на енергијата која реално треба да се употребни за да се реши проблемот. Но, има психолошка димензија што човекот го смирува. Човекот како поединец при неговата немоќ се доведува во врска со нешто што е многу силно. Ако човек таму се помоли на тој камен, се верува во натприродна моќ која е врзана со социопсихолошката димензија на човековото опстојување. Ние во голема мера по природа сме немоќни. Ако ни се случи одредена болест, било што, таа посета на такво место ќе не релаксира. Има уште една димензија. Тоа дружење на луѓето на таквите места, прави на некој начин тие да се селектирани, дека тие не може да бидат лоши луѓе кога ќе побараат помош од виша сила – објаснува професорот Ацески.
– Традицијата е главна. Македонија и Србија биле 500 години под турско ропство, па случувањата поеѓу двете светски војни, па социјализмот кој на некој начин го потисна социопсихолошкиот наратив на религиозното. Тоа свето место кое ја носи таа традиција со години, тоа никој нема да му го одзеде на човекот – додаде социологот.
Автори: Орце Костов и Марија Станковиќ
Фотографија и видео: Орце Костов, Марија Станковиќ
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.