Ива Михаилова, млада девојка од Кочани која својот живот и кариера ги гради во Бугарија, веќе седми месец преживува институционална и здравствена агонија. По тешка сообраќајна несреќа за која тврди дека не е виновна, таа е соочена со обвиненија, одземени пасоши и забрана за напуштање на државата. Во меѓувреме, нејзината здравствена состојба драстично се влошува, а судот одбива да ѝ дозволи излез од земјата за неопходна хируршка интервенција која би спречила траен инвалидитет.
Кобниот 7 октомври и полициската (не)одговорност
Животот на Ива се превртува наопаку на 7 октомври 2025 година. Патувајќи од Кочани кон Штип на редовен ортодонтски преглед, нејзиното возило е удрено од автомобил кој доаѓал од спротивната насока. Според сведоштвото на Михаилова и наодите од ангажираното вештачење, несреќата била предизвикана поради непрописно паркирано полициско возило во цивил.
„Возев во својата лента со дозволена брзина. На излезот од Кочани забележав паркирано полициско возило кое сопрело друга кола за контрола на место каде што немаат право да стојат. Возилото што доаѓаше од спротивната насока, за да ги избегне, не ја намали брзината туку се обиде да ги престигне, влезе во мојата лента и директно ме удри. Мојата кола излета в десно и удри во мантинелата,“ раскажува Ива.
Во несреќата животот го губи сопатник од другото возило, но трагедијата, според наводите, не настанала од самиот директен судир, туку од градежни материјали (шипки) кои се превезувале во нивниот автомобил и кои при ударот фатално го повредиле патникот.
Однесувањето на полициските службеници на местото на настанот отвора дополнителни сомнежи. Ива и сведоците тврдат дека само една полицајка пришла да пружи прва помош, додека останатите двајца полицајци воопшто не излегле од возилото за да помогнат.
Обвинение без вина и игнорирани сведоци
Иако се движела исклучиво во својата лента, неколку часа по несреќата, додека била хоспитализирана во Скопје, полицијата ја посочува Ива како осомничена.
„Ми ги зедоа и македонскиот и бугарскиот пасош уште истиот ден во болницата. Ми одредија мерка забрана за напуштање на Кочани и задолжително пријавување во полиција секој понеделник,“ вели таа.
Одбраната на Михаилова досега предложила неколку клучни сведоци кои можат да ја потврдат нејзината невиност и нерегуларностите предизвикани од полициската патрола, но обвинителството досега повикало само еден од нив.
Трка со времето: Ризик од траен инвалидитет
Вистинската битка на Ива сега се води на здравствен план. Како последица од несреќата, таа има скршеници на пршлените (Л4 и Л5) кои притискаат нерви, што довело до парализа на левата нога. Дијагностицирана ѝ е делумна параплегија и тетраплегија.

Специјалистите се децидни: неопходна е итна имплантација на баклофенска или дуодопа пумпа. Станува збор за напредна, иновативна хируршка интервенција која не се изведува во Македонија, туку само во клиники во Бугарија, Турција и Израел. Бидејќи Ива веќе 15 години живее, студира и работи во Бугарија, таа има и тамошно здравствено осигурување, поради што барањето е лекувањето да се изврши токму таму.
Судот останува глув: „Животот не ви е загрозен“
И покрај обемната медицинска документација која предупредува на траен инвалидитет, Основниот суд во Кочани веќе двапати ги одбива нејзините барања за привремено враќање на пасошите.
Судското образложение е фрапантно: состојбата не го загрозува нејзиниот живот и определените мерки се нужни за да се обезбеди нејзиното присуство во постапката.

„Имам адвокати од Македонија и Бугарија кои се вклучени во случајот. Сите се едногласни дека моите основни човекови права се целосно прекршени,“ истакнува Михаилова.

Во понеделникот (27 април), одбраната поднесе и трето барање до судот. Овој пат, покрај медицинските докази, како гаранција дека Ива ќе биде достапна за органите на прогонот е понуден и недвижен имот (куќа).
Додека институциите си ја префрлаат топката и го одолговлекуваат процесот, времето на Ива истекува. Нејзиното единствено барање е да ѝ се овозможи правото на лекување, за да не стане траен инвалид поради системска негрижа и туѓи грешки. Очекувањата се дека судот конечно ќе ја согледа сериозноста на ситуацијата и ќе дозволи привремено укинување на мерките пред да биде предоцна.
