Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтеровата скала го погоди западот на Колумбија, предизвикувајќи паника, повреда на граѓани и сериозни оштетувања на инфраструктурата и станбените објекти.
Според податоците на Американскиот геолошки завод (USGS) и Геолошкиот институт на Колумбија, епицентарот на потресот бил регистриран во близина на општината Сан Хосе дел Палмар, во департманот Чоко — на околу 280 километри западно од главниот град Богота. Потресот се случил на длабочина од околу 107 километри.
Силниот потрес се почувствува и во Богота, каде што се огласија алармите за итни случаи. Илјадници жители и вработени превентивно ги напуштија деловните и станбените згради и се излеаја на улиците.
Гувернерката на департманот Чоко потврди дека на терен веќе се регистрирани повредени лица, како и значителни оштетувања на објекти.
„Само што преживеавме силен сеизмички настан во Чоко. Загрижени сме за можни дополнителни потреси. Иако епицентарот беше во Сан Хосе дел Палмар, во главниот град Кибдо има повредени и сериозни оштетувања на зградите. Веќе вршиме проценка на штетите за да ги издадеме првите официјални извештаи“, изјави гувернерката.
На социјалните мрежи се појавија снимени видеоматеријали кои ја прикажуваат драматичноста на ситуацијата во градот Переира, во западна Колумбија.
На снимките се гледа моментот кога за време на силниот потрес делумно се урива фасадата на историската црква „Сан Хосе“ (Iglesia San José). Истовремено, дрвјата и електричните кабли на улиците силно се нишаат, додека преплашените минувачи со пискотници се прегрнуваат барајќи безбедно место на отворено.
Надлежните служби и тимовите за спасување се на терен и го проценуваат обемот на штетите, додека граѓаните се повикуваат на претпазливост поради можноста од секундарни потреси.