Жителите на Кула Д во комплексот „Џевахир“ во Скопје алармираат на сериозен проблем со собирањето и одлагањето на отпадот во нивната зграда. Според нив, фирмата задолжена за одржување, „Хауз Мајстор Плус“, последните четири дена не го изнесува ѓубрето до надворешните контејнери, туку го остава на ниво -1, во заедничкиот ходник што го користат станарите.
„Во ходникот се натрупани големи количества смет, кој наместо да биде изнесен, се остава таму со денови. Просторот се претвори во внатрешна депонија,“ велат згрозените жители, кои доставија и фотографии и видео како доказ.
Станарите предупредуваат дека ова непрописно и противзаконско постапување претставува сериозен ризик за здравјето и безбедноста, особено затоа што во кулата живеат стотици семејства.
„Ѓубрето од околу 400 станови го претвори ходникот во извор на зарази и неподнослива миризба. Стравуваме и од појава на глувци,“ велат станарите, барајќи итна реакција од надлежните инспекции и управата на комплексот.