Викендов стартува зимскиот распоред на летови – нови дестинации и враќање на повеќе линии од Скопје и Охрид

Зимската сезона на летови за 2025/26 година стапува во сила овој викенд. Од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе има поврзување со 49 редовни дестинации, кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер линии со една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид се предвидени пет дестинации, со три авиокомпании, информираа од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми.

Двата аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, која ќе трае до крајот на март 2026 година. Девет од нив ќе ги оперира авиокомпанијата Виз Ер со поддршка од Владата. На 27 октомври ќе започнат летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, како и од Охрид до Базел. На 28 октомври Скопје ќе добие прва директна линија до Мадрид, додека истовремено се враќа и линијата до Ларнака.

Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а истовремено се враќа и линијата до Келн. Од 30 март 2026 година, се планира отворање на нови три линии: Скопје – Будимпешта, Скопје – Неапол и Охрид – Милано. Десеттата нова дестинација за зимската сезона е Скопје – Женева, која ќе ја врати авиокомпанијата EasyJet на 3 ноември 2025 година.

Преглед на новите зимски дестинации:

Скопје – Бари и Скопје – Стокхолм (од 27 октомври)

Охрид – Базел (од 27 октомври)

Скопје – Мадрид и Скопје – Ларнака (од 28 октомври)

Скопје – Прага и Скопје – Келн (од 15 декември)

Скопје – Будимпешта и Скопје – Неапол (од 30 март 2026)

Охрид – Милано (од 30 март 2026)

Скопје – Женева (од 3 ноември, EasyJet)