Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија категорично ја отфрла како неточна и конструирана наводната преписка на електронски канал за комуникација која се прикажува како наводно да била водена меѓу премиерот Зоран Заев и измислен „разочаран член на владејачката партија“.
„Категорично тврдиме дека се работи за лажна вест, конструирана содржина, графичка манипулација која единствено има за цел да шири лаги и со тоа да наштети на угледот на премиерот Заев.
Најостро ја осудуваме оваа постапка со која се погазени принципите на професионалното новинарство и медиумот кој ја злоупотреби својата улогата со објавување на оваа невистина“, велат од Владата.
Оваа содржина најпрво ја објави еден портал, а потоа истата и ВМРО-ДПМНЕ ја презентираше на прес-конференција преку портпаролот Димче Арсовски. Од Владата побараа само извинување од порталот, но засега нема реакција за обвинувањата од опозициската партија.
„Ја повикуваме редакцијата на порталот да ја објави оваа реакција од Канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ, врз основа на Членот 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во кој во ставот 1 од членот се вели дека „ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување.
Истовремено ги повикуваме сите медиуми кои ја презедоа лажната медиумска содржина од порталот, да ја повлечат бидејќи со нејзиното преземање учествуваат во нејзиното ширење по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем“, напоменуваат од Владата.