Сите заслужуваат повисоки плати, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на наставниците за повисоки плати од 12% и најавата за евентуални протести. Мицкоски е дециден дека секој кој работисогласно Закон и Устав и се труди заслужува повисока плата.
– Како Влада во рамките на овие два месеца направивме ребаланс на буџетот, со којшто обезбедивме средства за законските усогласувања и тука исто така не треба никој да има дилема. Во зависност од динамиката на консилидирање на буџетот, при формирањето на буџетот за следната година подготвени сме да седнеме, со сите синдикални единици, организации и да разговараме, вели Мицкоски.
Тој истакна дека за само два месеца успеале да ги консолидираат институциите, министерствата и буџетот кои биле во распаѓање.
– Ќе ве потсетам, пред неколку дена, но и во текот на изминатите недели објавивме податоци за тоа дека УЈП имаше 40-ина проценти повисока наплата во јули месец споредено со јули минатата година. Очекувам директорката многу скоро да излезе со една информација до јавноста која што ќе биде многу интересна за кадровската политика, начинот на систематизирање на работните места кои биле наградувани, кои не биле наградувани, но тоа ќе го даде директорката во јавноста како информација и ве молам внимателно и будно да ја следиме, но и покрај тие предизвици за 40 проценти имаме повисока наплата, Царината за 20 проценти во јули месец. Наплатата на патарините е за 66 милиони денари повисока овој јули од јули 2023 година, ако сега имаме 288 во јули, сме имале 222 милиони пред една година, значи 30 проценти. Ако состојбата во компанијата била 10 пати поголеми побарувања од средствата на сметката, сега во принцип е консолидирана состојбата и побарувањата со средствата на жиро сметка се исти во рамките на компанијата, изјави Мицкоски.

