Владата формира Централизиран кризен штаб за спас на УНЕСКО статусот на Охрид: Координатор е министерот Љутков

Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за формирање на Централизиран кризен координативен штаб, чија главна цел ќе биде итната и координирана имплементација на „Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023-2030)“.

Одлуката, која е донесена на владината седница одржана на 30 декември 2025 година и потпишана од премиерот Христијан Мицкоски, има за цел да обезбеди навремено исполнување на препораките од УНЕСКО и зачувување на статусот на светско наследство.

Се вчитува...

Кој членува во Кризниот штаб?

За координатор на ова тело е назначен министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Покрај него, во составот влегуваат експерти и претставници од клучните министерства:

  • Проф. д-р Велика Стојкова-Серафимовска, експерт за заштита на културно наследство;
  • Марија Митева, портпарол на Владата;
  • Претставници од Министерството за животна средина (Сектори за води и индустриско загадување) и Министерството за транспорт (Сектор за уредување на просторот);
  • Татјана Краљевска Лазарова од Националната комисија за УНЕСКО.

Кои се задачите на штабот?

Кризниот штаб ќе има задача да ги идентификува административните, правните и техничките пречки кои досега го кочеа спроведувањето на мерките за заштита на Охрид. Телото ќе мора да изработува шестмесечни акциски планови со конкретни рокови, буџетски импликации и носители на активностите, кои ќе ги доставува до Владата.

Дополнително, штабот ќе треба да подготвува периодични извештаи за статусот на имплементацијата и да предлага корективни мерки доколку се забележат заостанувања во реализацијата на планот за рехабилитација.

Административната и техничката поддршка за работата на ова тело ќе ја врши Министерството за култура и туризам.