Македонија

Владата го прифаќа предлогот на Макрон за паралелна европска заедница

На медиумскиот интерес дали предлогот на францускиот претседател Макрон за паралелна европска заедница ќе влијае врз македонско бугарскиот спор, портпаролите информираа дека овој предлог Владата го гледа како можност за обединување на земјите кои не успеале да влезат во блокот со оглед на новонастанатата геополитичка ситуација.

„Северна Македонија ја има поддршката од европските партнери, кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите, а Владата го продолжува дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение, кое ќе го крене ветото и ќе го даде долгоочекуваниот датум за отпочнување на преговорите со Унијата“, информираа портпаролите.

Францускиот претседател Макрон повика да се формира „Европска политичка заедница“ за зајакнување на соработката на ЕУ со другите европски земји, поради тоа што членството на тие земји во Унијата не е реално во блиска иднина. Укажувајќи дека треба да се преуредат основачките договори на ЕУ, Макрон истакна дека во наредните недели би можеле да се одржат разговори за институционални реформи и дека за нив би можело да се дискутира на следниот Самит на лидерите на ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека идејата на Макрон за формирање „Европска политичка заедница“ е интересна, но и дека тоа не треба да ги спречува да го завршат она што е започнато со земјите од Западен Балкан кои донеле храбри одлуки, при што, како пример ја наведе Северна Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни