Македонија

Владата го запечати јули за избори? – Отвори пат на ДИК да се подготви

Со нова уредба усвоена синоќа, Владата и отвори пат на ДИК за започне со подготовки за избори. Вицепремиерот Бујар Османи вели дека оваа уредба се поврзува со претходната  со која беа запрени изборните активности, а во која пишува дека дента кога завршува вонредната состојба, се враќаат редовните изборни рокови.

„Со новата уредба направивме само неколку прецизирања од аспект на контрола на избирачкиот список повикувајќи се на некои обврски од МЗ за обезбедување  лична заштитна опрема за ДИК. Јас се надевам дека комуникацијата меѓу политичките партии ќе продолжи следниве денови, се уште сметам дека има простор за праведен, инклузивен електорален процес на 5 јули“, истакна Бујар Османи.

Единствен кој синоќа гласаше против оваа уредба беше министерот з внатрешни работи Наќе Чулев кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој за ТВ21 го објасни неговиот глас против, велејќи дека датумот за избори може  да го  одреди претседателот на Собранието или да се донесе со политички консензус, имајќи го предвид и здравјето на луѓето. Наспроти неговиот став во владата, Чулев вели дека МВР ќе се ангажира за прочистување на избирачкиот список.

Од ДИК, членот Енвер Салихи за ТВ21 рече дека се уште не ја добиле уредбата и дека ќе почнат веднаш штом ја добијат.

„ДИК не е орган кој носи закони туку се грижи за нивно спроведување и според првата и втора точка изборите се одржуваат 22 ден по завршување на вонредната состојба и ДИК е подготвена за реализирање на изборниот процес бидејќи тоа е наша законска обврска“, посочи Енвер Салихи.

Новата уредба го ангажира МВР во рок од еден ден да достави список на граѓани кои доставиле барање за вадење лични документи и списокот на тие кои полнат 18 години на денот на изборите или 22 ден по завршување на вонредната состојба.

Со истата одлука, МЗ се задолжува да ја обезбеди потребната опрема за заштита на членовите на изборните тела, се вели во соопштението на Владата. Според тоа, по завршување на вонредната состојба и доколку не се прогласи нова, изборите ќе се одржат на 5 јули. Утре се очекува да се дознае дали ќе има продолжување на вонредната состојба или не, а со тоа ќе се дознае и точниот датум на избори доколку евентуално партиите не постигнат договор за датум.

За изборите, синоќа телефонски европскиот комесар за проширување и соседни политики, Оливер Вархеј разговараше со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На Твитер Вархеј напиша дека е нагласена важноста за “слободни, коректни и инклузивни избори имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19 и потребата од ефикасни мерки за закрепнување на економијата“.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни