Владата ја објави проширената листа на новогодишната потрошувачка кошничка, која сега опфаќа над 700 производи со намалени цени од најмалку 10 проценти. Оваа иницијатива е дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“, чија цел е да го подобри животниот стандард на граѓаните.
Потрошувачката кошничка вклучува широк спектар на производи, меѓу кои леб и житарици, месо и преработки, млеко и млечни производи, свежо и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалаци, како и други неопходни прехранбени производи.
Мерката, која ќе важи од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година, предвидува цените да бидат намалени за најмалку 10 проценти во однос на најниската цена забележана во периодот од 15 ноември до 15 декември.
„Со оваа иницијатива, Владата покажува посветеност кон обезбедување пристојни услови за живот и вистинска грижа за реалните потреби на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Продуктите на рафтовите ќе бидат соодветно означени, а листата може дополнително да се проширува во текот на периодот на примена. Владата ја поздравува одлуката на компаниите кои се приклучија кон кампањата, повикувајќи и други субјекти да покажат општествена одговорност.
Ова е третата примена на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“, со која Владата продолжува да презема мерки за подобрување на економската состојба на илјадници семејства.
„Ја враќаме надежта и градиме иднина за сите,“ се истакнува во пораката, нагласувајќи дека Владата останува посветена на својата обврска да ја промени реалноста и да обезбеди поквалитетен живот за граѓаните.