По обелоденувањето на случајот со доделеното македонско државјанство на украинскиот олигарх со руско потекло, Олесандр Онишченко, Владата ќе испитува дали има други аспекти коишто требало да бидат земени предвид. Премиерот Ковачевски вели дека Владата му дала на Украинецот македонско државјанство врз основа на позитивни извештаи од 4 институции.
Украинецот, кој бил на црната листа на санкции на САД, а го бара и неговата матична земја, наше државјанство добил во мај лани и под македонско знаме се натпреварувал во коњички спортови.
Министерот за внатрешни работи Спасовски, вели дека по Онишченко нема распишана меѓународна потерница, но и тој како и премиерот топката ја префрла на институциите кои дале позитивно мислење.
Но, обелоденувањето на овој случај предизвика жестока реакција од опозицијата која бара одговорност.
„Скандалот со изработка на позитивна проверка за лице за добивање државјанство, а кое било барано со потерница и е ставено на црна листа на стратешкиот сојузник – САД, само потврдува дека АНБ е во целосен нокаут и дека криминалот е длабоко навлезен во структурите“, коментираа опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Според партијата, ова покажува дека директорот на АНБ, Димовски, не смее да биде амбасадор во Франција.
Миле Ристески