Владата ќе купува 800.000 вакцини за Ковид-19, во Македонија ќе стигне на почетокот на идната година?

Вакцината за Ковид-19 во земјава се очекува да пристигне кон крајот на оваа или почеток на следната година, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Како што вели, ќе се вакцинира 20% од населението со по две дози, што значи дека Владата ќе треба да обезбеди околу 800 илјади вакцини.

Се вчитува...

Разни компании кои работат на вакцината имаат различни цени за една доза. На пример, цената на „Модерна“ за една вакцина се движи од 32 до 37 американски долари, а се продава во мали количини. Ова значи дека за 800 илјади дози земјава ќе треба да потроши 28 милиони долари. Но, има фармацевтски компании кои понудија цена од 4 до 20 долари. Доколку сметаме со просечна цена од 10 долари за една вакцина, тогаш земјата за потребната количина ќе треба да потроши 8 милиони долари. Министерот Филипче вели дека првата вакцина која ќе стигне на пазарот, ќе ја добиеме и ние.

Првин ќе се вакцинираат здравствените работници, потоа луѓето над 65-годишна возраст, а потоа младите со хронични болести. Инаку, Владата преку ЕУ обезбеди и дополнителни количини на лекот „Ремдесивир “, кој се користи за третирање на пациенти со коронавирус. Како што велат од МЗ, Европската Комисија потпишала договор со фармацевтската компанија „Gilead“ за набавка на 500.000 дози од овој лек.

.

Извор: ТВ21