На 107-та редовна седница на Владата на Република Македонија што ќе се одржи утре, ќе се најде информацијата „Среднорочна програма за измена и дополнување на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година“, на предлог на Фондот за иновации и технолошки развој.
На оваа седница на владата ќе биде презентирана и нформацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за заедничка реализација на проектот за чистење дворните површини ОХИС, во Скопје.
Министерството за правда на утрешната седница на владата ќе ги достави на расправа и одлучување Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог-законот за извршување на санкциите, Предлог-законот за прекршоци, како предлози на Министерството за правда.
На предлог на истото министерство, членовите на Владата на РМ ќе ја разгледаат и информацијата со анализата за примената на Законот за правда за децата, за период јануари – јуни 2018 година. На оваа 107 седница на владата ќе се презентира и информацијата за Акциски план на Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022, како и информацијата за отпочнување на постапката за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование, што ја предлага Министерството за образование и наука.
На оваа своја седница владата ќе се произнесе и по предлог-одлуката за изменување на Одлуката за намалување на цената на становите во општествена сопственост.
Утре членовите на Владата на РМ ќе одлучуваат и по предлог – одлуката за основање на Јавно претпријатие колекторски систем.
На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, владата утре ќе расправа и за предлог-одлуката за изменување на Одлуката за формирање на Дигитален форум за информатичко комуникациски технологии, како и за предлог-решението за назначување на членови на дигиталниот форум за информатичко комуникациски технологии.
