Владата на Србија предложи Бадник да биде неработен

Владата на Република Србија на денешната седница донесе Заклучок со кој им се препорачува на работодавците на вработените кои Бадник го празнуваат според Грегоријанскиот и според Јулијанскиот календар да им овозможат да не работат на тој ден.

Владата им препорача на работодавците на вработените кои Бадник го празнуваат според Грегоријанскиот календар, католиците и припадниците на други христијански верски заедници, да им овозможат да не работат на 24 декември 2025 година, се наведува во соопштението на Владата.

Иста препорака важи и за вработените православни верници, кои овој празник го празнуваат на 6 јануари 2026 година според Јулијанскиот календар, пренесува Телеграф повикувајќи се на Танјуг.

Доколку работниците се должни непречено да ја извршуваат својата работа за време на државните и верските празници, на работодавците, исто така, им се препорачува да им обезбедат на вработените права кои им следуваат за работа на празничен ден кој е неработен ден.