Владата предлага укинување на техничката влада

Владата вчера до Собранието достави предлог-закон за изменување на Законот за Владата, со кој се предвидува укинување на т.н. техничка влада.

Станува збор за законско решение поднесено по скратена постапка, со кое извршната власт предлага измени во досегашниот модел на функционирање на Владата во предизборен период. Според предложените измени, се укинува обврската за формирање техничка влада, која досега се воспоставуваше 100 дена пред одржување на парламентарни избори.

Предлогот е поднесен од Министерството за јавна администрација, а како овластен предлагач се јавува министерот Горан Минчев. Во образложението се наведува дека целта на измените е поедноставување на институционалниот систем и зголемување на ефикасноста на извршната власт.

Од Владата сметаат дека постојниот модел создава дополнителни политички и административни компликации, додека со новото решение се очекува поголема стабилност и континуитет во работењето на институциите.

Предлог-законот веќе е во собраниска процедура и се наоѓа во фаза на второ читање. Се очекува во наредниот период пратениците да ја отворат расправата, по што ќе стане појасно дали измените ќе добијат поддршка за конечно усвојување.

Опозицијата, пак, најавува дека внимателно ќе го разгледа предложеното решение, со оглед на тоа што укинувањето на техничката влада директно се однесува на изборниот процес и механизмите за обезбедување фер и демократски избори.