Без поддршка од власта, денеска беше одбиена иницијативата за одржување надзорна расправа за истрагата околу трагичниот настан во Кочани, каде што загинаа 61 лице. Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, поради одбивањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, не ја усвои иницијативата поднесена од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.
Членовите на СДСМ и ДУИ гласаа „за“, но без поддршката од владејачкото мнозинство, расправата не влезе на дневен ред.
Пратеникот на ДУИ, Садула Дураку, жестоко реагираше од собраниската говорница:
„Жалосно е за тие млади души во Кочани. Немањето волја за транспарентност покажува дека власта ја крие вистината. Мицко е индиректно, а Тошковски директно поврзан со случајот – затоа ја блокирате иницијативата.“
На ова реагираше и претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара извинување од Дураку, предупредувајќи го да внимава на своите зборови и настапи.
Координаторот на Европски фронт, Блерим Беџети, оцени дека Владата го узурпира системот и дека одбивањето на расправата е чекор кон „широк тоталитаризам“:
„Се бара само дебата. Жал ми е што не гласате за да се разговара за трагедијата во Кочани. Ова не е демократија.“
Од СДСМ порачаа дека ова е преседан во работата на Собранието. Пратеникот Фатмир Битиќи рече дека Собранието никогаш досега не ја скратило можноста за надзорна расправа:
„Како татко и брат на сите што ги изгубија животите, сметам дека мора да се дозволи расправа. Загинаа 61 човек, а вие се пазарите за политички поени.“
Од „Вреди“ пак, порачаа дека не се против расправа, но бараат таа да опфати и други трагедии.
Халил Снопче објасни:
„Не сме против дебата за Кочани, но бараме да се разговара и за Тетово, ‘Беса транс’ и другите трагедии од последните години. Ако е системски проблем, не можеме да го третираме селективно.“
Сличен став изнесе и Бобан Карапејовски од ЗНАМ, според кого активна истрага е причина да не се одржува расправа во овој момент:
„Би било притисок врз Обвинителството. Треба да се заврши истрагата, па потоа да се дебатира. Никој не бега од одговорност.“
Најостро во одбраната на одлуката настапи Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ:
„Се води истрага, има 50 осомничени – вие барате надзорна расправа? Кога ќе заврши постапката, ќе дебатираме и за Кочани и за сите други случаи.“
Според последните информации, бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани изнесува 52 физички и три правни лица, откако истрагата беше проширена со уште 19 имиња. Трагичниот настан се случи на 16 март, кога во дискотеката „Пулс“ загинаа 61 лице, а над 200 беа повредени. Девет се лекуваат во скопски болници, а 47 во странство.