Владимир Нелоски ги демантира обвинувањата на СДС: „Мојот татко нема врска со државни тендери“

Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски преку објава на социјалните мрежи реагираше на прес-конференции на СДС, кои, според него, се „нечесни и валкани“ и „изобилуваат со невистини, креирани информации и полуинформации“.

Нелоски посочува дека целта на обвинувањата е да се сврти вниманието од „растројството и дезорентираноста“ во раководството на партијата и министерот за здравство Венко Филипче, како и од стравот од одговорност кој тие го имаат.

„Мојот татко е дел од споменатата приватна фирма, која не учествува на државни тендери и не добила тендери. Ниту на кој било начин може да носи одлуки за државни пари“, потенцира Нелоски.

Тој додава дека неговиот татко, како и секој човек, има право да работи во приватниот сектор, и тоа прави уште пред осамостојувањето на Македонија.

„Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата, туку се губи, а сликата за партијата се потопува во криминал, корупција, лични интереси и фракции“, пишува Нелоски.

Тој исто така предупредува дека доколку СДС не ги достави потврдните информации, ќе поднесе тужба за клевета пред надлежните органи.