Власта и опозицијата не најде заедничко решение, експертите порачуваат СЈО да ја зачува независноста

Независноста на Специјалното јавно обвинителство, останува да биде една од несогласувањата меѓу власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со одредбата СЈО да не одговара пред никого и сам да си го одредува буџетот. Според професорот Темелко Ристески клучно за едно обвинителство е да не се нарушува неговата автономија.

-Ако сакаме специјалното јавно обвинителство да биде ефикасно тоа мора да има висок степен на самостојност. Ако биде финансиски зависно од другите органи на власта тоа не може да биде самостојно. Знае колку буџет му е потребен колку пари му се потребни и нема да зависи од другите сегменти на власта-изјави Ристески.

Адвокатот Тони Менкиновски кој го застапуваше тимот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера по средбата на работните тимови рече дека за нив е неприфатливо да се продолжат предметите кои се започнати по рокот од 18 месеци што ги имаше СЈО. Но министерката Рената Дескоска рече дека со ваквото барање на опозицијата постои опасност да се изгубат доказите од отворените случаи.

-Предметите кои ги имаат започнато пред редовните судови до 30 јуни да продолжат да ги работат а она што се однесува после 30 за нас значи согласно законите а и согласно меѓународната пракса на судот во Стразбур сметаме дека е нерелевантна истрага. Тоа се мисли дека сите тие докази после 30 јуни може да бидат предмет на незаконити докази-вели Менкиновски.

-Друга клучна разлика е за судбината на истрагите кои  што се во тек од страна на СЈО предистражни постапки и обвиненија кои што се покренати по 18-те месеци по предавањето на материјалите. Барањето што значи прекинување на овие постапки и потоа нивно ако треба нивно одново отпочнување значи на некој начин губење на голем број докази кои што би биле сериозни докази во постапките.-вели Дескоска.

Професорот Ристески укажува дека покренатите случаи се во интерес на граѓаните и затоа тие треба да продолжат.

-Се што е спротивно на интересите на граѓаните апсолутно не е прифатливо. А ова одлагање и прекинување што го бара опозицијата е спротивно на интересите на граѓаните а во интерес на опозицијата а некогашна власт затоа што тие беа најмногу инволвирани во тој организиран криминал-изјави Ристески.

Опозицијата до четврток своите забелешки за предлог законот треба да ги достави преку  амандмани а работните групи на нова средба во петок ќе продолжат да работат на утврдување законско решение прифатливо за двете страни. Неформалниот рок за договор е крајот на месецов со цел законот да биде усвоен од Собранието пред паузата поради предизборната кампања. Законот за јавно обвинителство е дел од реформската агенда на која инсистира Брисел во пресрет на одлуката за добивање датум за преговори во јуни.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното