Влатко Ѓорчев повторно во фокусот – минималната плата ги „скара“ пратениците

Тензично, со кавги и со неколку прекинувања течеше седницата на Комисијата за труд и социјална политика на која на дневен ред беше зголемувањето на минималната плата. Започна со расправија откако пратеникот Самка Ибраимовски побара на седницата да се расправа и за законот за материјално обезбедување на стечајните работници. Претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев предизвика револт откако почна да зборува надвор од точката на дневниот ред.

По еден час расправии беше дадена пауза од 30 минути, за да се договорат кога да се расправа за точката за стечајците. Но ниту тој половина час не ја смири состојбата. Ѓорчев инсистираше од заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар да одговори дали има финансиска одржливост за вакво зголемување на минималната плата. Но тој иако еднаш му одговори, Ѓорчев три пати му го поставуваше истото прашање. Бајрактар рече дека има средства во Буџетот за ова покачување и притоа реагираше дека не треба да се користат овие моменти за популизам.

Но Ѓорчев повторно ја прекина седницата и даде дополнителни 30 минути пауза со образложение дека бил прекинуван додека говорел и не им дозволи на пратениците кои бараа збор да говорат по што стана и замина. На ова реагираа членовите на Комисијата дека тој на овој начин ги малтретира сите. Предлог законот е минималната плата да се зголеми на 14 илјади и 500 денари.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното