Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Атанасовски не бил советник на Мицкоски, Костадинов да се извини

ВМРО-ДПМНЕ со соопштение во ко ги демантира зборовите на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов за наводна поврзаност на уапсениот Владимир Атанасовски со претседателот на опозицијата Христијан Мицкоски.

„Република Македонија се соочува со најцрниот период од осамостојувањето кога целиот безбедносен и судски систем се ставени во улога само и само за спроведување политички монтирани и мотивирани процеси, на штета на безбедноста на државата и особено на правото и правдата. Во време кога со државата владее криминогена власт, а државата се завива во црно заради мафијашки пресметки на улиците, СДСМ спроведува класичен политички прогон преку пласирање на лажни информации.

Владимир Атанасовски ниту бил ниту е ангажиран како советник на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ г. Христијан Мицкоски. Информацијата дека Атанасовски е дел од советниците на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме за тенденциозна инсинуација и намерно нанесување на штета на новото раководство на партијата и претседателот г. Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека во Република Македонија се одвиваат политички мотивирани и инструирани судски процеси кои немаат врска со правото и правдата, а кои судскиот систем го доведуваат до апсурдности кои се одвиваат до недоглед. Токму заради тоа ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија.

И политичките судски процеси и политичките приведувања, како и пласирањата на лажни информации имаат за цел да ја дезавуираат јавноста од безбедносните проблеми и прашања, како и од реалните проблеми кои оваа мрачна криминогена власт ги нанесува врз граѓаните на Република Македонија

ВМРО-ДПМНЕ бара јавно извинување од СДСМ и од портпаролот Костадин Костадинов заради пласирање и објавување на неточна информација.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и е достапна за медиумите да одговори на било кое прашање во и од интерес на јавноста.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни