На барање на опозицијата на денешната собраниска седница не се расправаше за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, којшто треба да бидат основа за спроведување нови мерки за заштита од коронавирусот.
Предлогот на Владата беше ставен како точка на дневен ред, но потоа беше повлечен без никакво објаснување. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека побарале пред да се изјаснат за законот да го разгледаат и да дадат свои предлози.
Од пратеничката група на СДСМ велат дека опозицијата побарала време да го разгледа бидејќи имале сомнеж во некои одредби на законот. Но, од друга страна, министерот Венко Филипче, апелира дека нема време за одлагање и побара предлог-измените да се усвојат час поскоро, бидејќи како што вели, состојбата со вирусот е доста сериозна.
„Мерките за заштита од Ковид-19 кои се во Собранието мора итно да се донесат. Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките“, посочува Венко Филипче.
Филипче меѓу другото напиша дека мерките се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства и дека исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави.
Инаку, законот би се нашол на дневен ред на следната собраниска седница на 27 октомври. Со овој предлог-закон требаше да се направат измени за да можат да стапат на сила мерките за маски на отворено и ограничувањето на групирањето по 22 часот и ограничувањето на семејните собири.
.
