Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска напладне ќе одржи состанок на кој, според партиски извори, се очекува конечно да биде соопштено името на кандидатот за градоначалник на Град Скопје за претстојните локални избори закажани за октомври.
Во пресрет на оваа одлука, министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој се споменуваше како можен кандидат, изјави дека целосно ќе го поддржи изборот на партијата, без разлика кој ќе биде номиниран. Тој потенцираше дека очекувањата за победа на локалните избори се реални и базирани на, како што рече, „историски позитивни бројки“ во полза на ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ.
„Најдобро е да почекаме до недела. Точно е дека во 12:30 часот нашата партија ВМРО-ДПМНЕ има закажано состанок на ИК. Очекувано е да се соопшти името за Градот Скопје. Без разлика дали ќе биде Орце Ѓорѓиевски или некој друг, секој кандидат којшто ќе добие поддршка од мојата партија ќе ја има и мојата целосна поддршка – и во спроведувањето на програмата и во текот на кампањата“, изјави Перински на прес-конференција во петокот.
Според неофицијални информации, во најтесниот избор за кандидат за Скопје е актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, чие име се почесто се споменува во јавноста.
Покрај одлуката за Скопје, ВМРО-ДПМНЕ досега официјално соопшти вкупно 33 кандидати за градоначалници во рамки на подготовките за локалните избори. Првите 25 кандидати беа објавени на 28 мај, додека на 13 јуни беа соопштени уште осуммина на седницата на ИК одржана во Штип.
Меѓу кандидатите за нов мандат се актуелните градоначалници на Битола (Тони Коњановски), Кавадарци (Митко Јанчев), Охрид (Кирил Пецаков), Велес (Марко Колев), Штип (Иван Јорданов), Гевгелија (Андон Сарамандов), како и скопските општини Аеродром (Дејан Митески), Бутел (Дарко Костовски) и Ѓорче Петров (Александар Стојкоски).