ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави одлуката на РКЕ за минималното незначително покачување на цената на струјата

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски истакна дека ја поздравува одлуката на Реулаторната комисија за минималното покачување на цената на струјата, потсетувајќи дека ако не бил изгласан Законот за енергетика во Собранието, истата ќе се покачела многу повеќе.

„Сакаме да ја поздравиме одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, за минималното незначително покачување на цената на електричната енергија. Мораме да нагласиме дека оваа одлука доаѓа откога се создадоа услови, по усвојувањето на предлог-законот за енергетика поднесен од тогашниот пратеник, сегашен Премиер, Христијан Мицкоски и од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.

Само да ја потсетам јавноста, со тие измени кои беа усвоени со 84 гласа „ЗА“, прво се создаде услов за продолжување на лиценцата на универзалниот снабдувач, со што се заштеди и на средства коишто се потребни за да се формира ново правно лице, но и на роковите коишто беа потребни за формирање на истото правно лице со што пак се создаде можност маржата којашто е клучна за пресметување на цената на електричната енергија да биде од 11,5% на 9,9%.

Би сакал да потсетам дека Премиерот, Христијан Мицкоски упати еден апел до универзалниот снабдувач за оптимизација на енергетскиот систем, за да оној остаток од 15% којшто требаше да се набави од слободниот пазар којшто чини од 90-100 евра мегават час, наместо оние 60 коишто беа понудени на домашниот тендер ќе успеат да се надополнат од домашниот пазар и на тој начин цената на електрична енергија да остане скоро иста како што е сега.

Ова е максимум што можеше новото парламентарно мнозинство и новата владејачка коалиција да го направи со оглед на тоа што сè уште во клучните институции не е преземено владеењето, но она коешто планираме да го направиме во наредниот регулациски период тоа е од 01.01 до јуни месец 2025 година, да го оптимизираме енергетскиот систем со што ќе ги намалиме трошоците коишто се нудат на универзалниот снабдувач, ќе успееме подомаќински да работиме и на тој начин доколку надворешните влијанија во енергетскиот сектор не бидат на некое подруго ниво, ќе успееме дополнително да ја намалиме цената на електричната енергија.

Зошто е тоа важно? Бидејќи нашата држава во изминатите 7 години мака мачи со покачувањето на потрошувачката кошничка и со инфлацијата, а добро е економски познато дека два клучни фактори ја подгреваат инфлацијата тоа е едниот којшто е цената на електричната енергија и вториот е цената на горивата. Така да со оваа одлука којашто е рационална на Регулаторната комисија за енергетика и по самото укажување на Претседателот на Комисијата дека по усвојувањето на овој Закон се создале услови за да нема ценовен шок на граѓаните, ВМРО – ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи на ваков начин, со сите инструменти кои се дадени во можност да ги искористува за да нема ценовни шокови и за да го подобрува животот на граѓаните.“, вели Стојановски.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното