Криминалците за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
„Кога немаат аргументи, кога фактите им се против нив, СДС бега во фантазии и хорор-сценарија. Но колку и да шират страв, вистината останува: Македонија денес е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада, а не од луѓе кои политиката ја разбираат како фабрика за лаги и криминално богатење.
Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од “фабриката” на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти.
Што се однесува до навредите за „предавства“, најдобро е СДС да погледне во својот двор. Тоа беше партијата што го направи најголемиот распад на институциите, најголемиот удар врз безбедноста и најголемата загуба на довербата во државата.
Македонија не била попонижена од времето кога Заев и неговите соработници шетаа по светот со политики на капитулација и корупциски скандали. Денес, тие истите предавачи делат лекции за „суверенитет“.
Ова што го прават е опасно: свесно лажење со цел да се креира страв. А кога политичка партија гради стратегија врз невистини, тоа значи дека нема што друго да понуди.
СДС е во право само во едно: ова е прашање за опстанок. Но не на државата, туку на нивната партија, која повторно се потпира на страв, измислици и очајнички обиди да остане релевантна“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.