Утринава и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го почнаа денот со соопштенија. Повторно тема беше екстремното загадување на воздухот. Според опозициската, моментална власт е виновна за проблемот, и ја нападна што не превзема ништо. Од СДСМ, пак, вратија дека превземаат мерки за чистење на воздухот, загаден од времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Република Македонија се гуши! Скопјани вчера ја плаќаа највисоката цена на неспособната влада на Зоран Заев кој ги лажеше дека ќе го репел проблемот со загадувањето.
Граѓаните со месеци дишат загаден воздух полн со канцерогени ПМ 10 честички кој е штетен по нивното здравје. Мерните станици за квалитет на воздухот константно бележат енормно загадување на воздухот. Вчера вечер на мерната станица кај Ректорат се измерени 296 ПМ10 честички на метар кубен, во Центар 270 ПМ10 честички на метар кубен, во општина Карпош 235, додека во општина Бутел 220 ПМ10 честички на метар кубен.
СДСМ не се грижи што граѓаните кои со месеци дишат отров, наместо чист воздух кој им го ветуваа. Напротив загадувањето се повеќе е проблем за сите граѓани. СДСМ, Заев и Петре Шилегов немаат преземено ниту една посериозна марка за намалување на загадениот воздух. Наместо да инвестираат во решавање на овој проблем кој е рак-рана за граѓаните, тие одвојуваат 1.6 милиони евра за лубриканти, над 700 илјади евра за цвеќиња и кафе, илјадници евра за морски плодови, а се делат и милиони евра во четири очи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ не останаа должни и веднаш вратија.
„Цела деценија Скопје и Македонија беа изложени на екстремно уништување и загрозување на животната средина од страна на криминалното и расипничко ВМРО-ДПМНЕ што резултира со енормно загадување на воздухот.
За разлика од таквиот однос и црнилата на ВМРО-ДПМНЕ, денес сите институции на локално и централно ниво, предводени од Владата на СДСМ секојдневно преземаат мерки за справување со долгогодишниот проблем со аерозагадувањето.
Продолжува акцијата за обновување на уништеното зеленило во Скопје. По Карпош, Бит-пазар, Бутел и Аеродром, вчера беа засадени дрва во општина Ѓорче Петров со што продолжува акцијата за засадување на околу 3.500 висококвалитетни дрва низ сите скопски општини.
Во континуитет се спроведува акција за расчистување на дивите депонии. Во текот на вчерашниот ден беше расчистена дива депонија во општина Ѓорче Петров од каде беа исфрлени 88 кубни метри смет и отпад. Само на територија на Град Скопје во изминатиот период беа расчистени над 350 диви депонии и ваквите акции продолжуваат“, соопштуваат од СДСМ.
