Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека новиот Директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу ги уништува службите и ја загрозува безбедноста на државата. Оттаму велат дека Муслиу спроведува политичка елиминација на целокупниот оперативен кадар во Агенцијата и дека ја ангажира својата сопруга која ја раководи невладината организација Нексус.
Еве едно прашање до Пендаровски, дали претседател на оваа невладина организација е токму сопругата на Муслиу и дали „Нексус“ се наоѓа на домашна адреса на Муслиу, а формирана е само пред две години? Ова е класичен судир на интереси, проектни активности за борба против тероризам финансирани преку невладина организација и работно место советник за тероризам е сродна, споива и директно поврзана дејност. Ја повикуваме Антикорупциската комисија да го провери овој случај
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски стигна реакција во која се бара Антикорупциска веднаш да ги провери ваквите обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Во однос на прес-конференцијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во која се посочува за наводен судир на интереси од страна на Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во однос на кадровски решенија во Агенцијата за разузнавање, Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата истите да ги провери веднаш-велат од кабинетот на претседателот.
Воедно од Кабинетот укажуваат на политичка одговорност од објавување на евентуално непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби на Република Северна Македонија особено во период кога земјите сојузници на НАТО ја спроведуваат постапката за ратификација на Протоколот за членство, додаваат од кабинетот на Пендаровски. Муслиу е назначен за прв човек на Агенцијата за разузнавање на средината на мај, од страна на Пендаровски набргу по неговиот избор за шеф на државата, за што пак, несогласување имаше од ДУИ
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА