Промените што ќе ги донесе реконструкцијата на Владата се очекува да бидат објавени вечер, по седницата на Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за најавената реконструкција постои принципиелна согласност со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ, но дека персоналните решенија ќе бидат објавени по завршувањето на седницата на Извршниот комитет, со напомена дека јавноста ќе биде целосно информирана вечер околу 20 часот.
Во однос на промените во другите ешалони, Мицкоски најави дека тие активности ќе продолжат од септември. Овој месец, како што рече, е предвиден за реконструкцијата на Владата и за ребалансот на буџетот, а доколку има потреба ќе се одржат и дополнителни седници за усогласување на реформските закони од реформската агенда. Во август Собранието е на годишен одмор, по што процесот продолжува наесен.
Според вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, кој е генерален секретар на „Вреди“, по владината реконструкција оваа коалиција треба да раководи со шест ресори: животна средина, економија, правда, европски интеграции, култура и односи меѓу заедниците, при што ресорот здравство не е дел од овој пакет.
Сали најави и нови кадровски решенија во Министерството за култура и во Министерството за правда, кои до неделата сè уште не беа дефинирани.
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави на партиска трибина во Куманово дека по реконструкцијата оваа партија ќе раководи со две министерства и дека конечната распределба по ресори ќе биде соопштена во вторник, при што ЗНАМ ќе ги задржи двете министерства и, како што рече, ќе излезе посилна од преговорите.
Засега е официјално познато дека Арбен Фетаи, кој беше вицепремиер за добро управување и поднесе оставка, нема да биде дел од новата Влада. Според изјави и неофицијални партиски брифинзи од владејачката коалиција, извесно е дека дел од новиот состав веројатно нема да бидат и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министерот за здравство Азир Алиу и министерот за култура Зоран Љутков.
Со реконструкцијата ќе биде опфатен и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, кој вчера објави писмен отчет на својот профил на Фејсбук.
Премиерот неодамна, во гостување на националниот сервис, нагласи дека реконструкцијата не се прави само врз основа на досегашните резултати, туку и поради променети приоритети, додавајќи дека сè уште не е извесно дали измените ќе опфатат една третина од составот или повеќе.
Предлогот за состав на Владата, според најавите, се очекува веќе следниот ден да биде испратен до Собранието, по што, согласно роковите, ќе биде закажана пленарна седница за нејзин избор.