ВМРО-Народна партија бара бојкот на настапите на пејачи од поранешна Југославија

Опозициската ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски повика на проширување на општиот бојкот на македонските маркети и со бојкот на концертите на пејачите и музичките групи од поранешна Југославија. Според партијата, ваквиот потег ќе помогне во промоцијата на македонската музика и економија.

Од партијата изјавија дека економската комисија направила длабока анализа, која покажала дека во последната година настапите на пејачи и групи од поранешна Југославија забележале драстичен раст на цените на билетите. Според нив, најмногу профитирале пејачите и групите од регионов.

„За настап во дискотека на група или пејач од бивша Југославија цената се движи околу 30.000 евра. Затоа ВМРО-Народна партија предлага кон општиот бојкот на македонските маркети да се додаде и бојкотот на сите овие настапи. На тој начин, македонскиот потрошувач не само што лично ќе заштеди повеќе средства, туку и ќе им помогне на македонската музика и на македонската економија во целина“, соопшти ВМРО-Народна партија.

Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, од јануари до октомври 2024 година, македонските општини потрошиле вкупно 961.000 евра на музички настапи, што е пад од околу 150.000 евра во споредба со минатата година, кога биле потрошени 1,11 милиони евра.

Се наведува дека хрватската поп-ѕвезда Северина Вучковиќ е најплатена пејачка од македонските општини, со 25.000 евра за настапот во Крива Паланка на манифестацијата „Град на културата“. Меѓутоа, најмногу пари за настапи во 2024 година добила нејзината колешка Јелена Розга, која заработила 42.000 евра за два настапи во Берово и Штип.

ВМРО-Народна партија, која во минатото настапи во коалиција со СДСМ на парламентарните избори, но не успеа да освои пратеник, ја истакнува својата поддршка за порастот на македонската музичка индустрија, преку намалување на влијанието на странските пејачи во земјата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното