Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје попладнево испрати важно известување до граѓаните. Поради екстремно ниските температури и најавениот снег, можно е автобусите да не возат по вообичаените траси, туку линиите да бидат скратени.
Од претпријатието предупредуваат дека на одредени делници (особено во повисоките зони и периферијата) може да се појават отежнати услови за сообраќај, бидејќи средствата што се фрлаат против замрзнување имаат намален ефект при многу ниски минусни температури.
Ќе се вози само додека е безбедно
Доколку условите на патот станат ризични, автобусите нема да одат до крајните станици.
„Дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје. Безбедноста на патниците и вработените е приоритет“, велат од ЈСП.
Се вози по „распустен“ возен ред
Од претпријатието потсетуваат дека јавниот превоз секако се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој е на сила додека трае училишниот распуст.
Екипите на ЈСП и градските служби се на терен со механизација за да обезбедат проодност, но се апелира на трпение доколку дојде до прекини или доцнења.
