Орце Ѓорѓиевски, кој во неделата победи во вториот круг од локалните избори, денеска официјално го доби уверението за градоначалник на Град Скопје. Свечениот чин се одржа во просториите на Градската изборна комисија.
Претседателката на ГИК, Марија Мошев, му го честиташе изборот и му посака успех во работата.
„Ова уверение е симбол на довербата што граѓаните Ви ја укажаа, но и голема обврска. Ви посакуваме мудрост и истрајност во реализацијата на Вашата програма,“ истакна таа.
Ѓорѓиевски се заблагодари и рече дека изборите биле фер и демократски.
„Во 15 часот ќе се одржи примопредавањето на функцијата со досегашната градоначалничка Данела Арсовска. Веднаш потоа, вечерва во 20:30 часот, започнуваме со голема акција за чистење на Скопје,“ најави новиот градоначалник.
Акцијата ќе започне од паркингот кај спортската арена „Борис Трајковски“.
„Ќе се чистат контејнерите и кантите за отпад кои со недели не се испразнети, Градскиот парк каде има куп несобрани гранки, а ќе се измиe и Градскиот плоштад. Целта е ова да стане трајна активност,“ додаде Ѓорѓиевски.