Во Белорусија денеска се одржуваат претседателски избори на кои се кандидираше и актуелниот претседател Александар Лукашенко. Покрај Лукашенко, Централната изборна комисија (ЦИК) регистрираше уште четворица претседателски кандидати: претседателот на Републиканската партија на трудот и правдата Александар Хижњак, претседателот на Либерално-демократската партија на Белорусија Алег Гајдукевич, претприемачката Ана Канапатска и првиот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Белорусија Сергеј Сиранков.
Врз основа на резултатите од предизборните анкети, 82,5 отсто од Белорусите ќе гласаат за актуелниот претседател Александар Лукашенко. ЦИК објави дека се акредитирани 456 меѓународни набљудувачи од 49 земји, меѓу кои 15 европски земји, како и земји од Африка, Азија, Латинска Америка и Заедницата на независни држави (ЗНД), пренесува Танјуг.
Во резолуцијата за Белорусија усвоена во средата, пратениците на Европскиот парламент ги повикаа земјите од Европската унија да не ги признаваат резултатите од претседателските избори во таа земја и повикаа на продолжување на санкциите против Минск. ЕП ја потврди својата поддршка за белорускиот народ во неговата борба за демократија и човекови права и повика на „одржување слободни и фер избори во Белорусија“, беше објавено на нивната веб-страницата.