Во Брисел оддадена почит на загинатите во пожарот во Кочани

Во главниот град на Белгија, Брисел, вечерва се одржа комеморација во чест на жртвите од трагичниот пожар што се случи во ноќен клуб во Кочани. Настанот беше организиран од здружението „Македониум“ и Македонската православна црковна општина „Св. Илија – Св. Архангел Михаил“.

Присутните граѓани, претставници на македонската заедница во Белгија и дипломатски претставници од повеќе земји, со двоминутен молк им оддадоа почит на загинатите.

На собирот зборуваше македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски, кој изрази сочувство до семејствата на жртвите и благодарност до Белгија, Луксембург и Европската Унија за нивната поддршка во згрижувањето на повредените. Тој исто така ја истакна солидарноста на македонската заедница во Белгија, чии членови понудија сместување и помош за роднините на настраданите.

Меѓу говорниците беа и грчката амбасадорка во Белгија, Софија Грамата, како и претставници на здруженијата „Македониум“ и српското здружение „Круг“, кои истакнаа важноста на поддршката и заедништвото во тешки моменти.

За време на комеморацијата беше поставена книга на жалост, каде што присутните имаа можност да остават пораки со сочувство и да искажат поддршка за семејствата на жртвите. Дополнително, организаторите обезбедија можност за донации со цел да се помогне на повредените и нивните блиски кои моментално престојуваат во Белгија.

Рано утринава, четворица од повредените во пожарот беа транспортирани во Белгија со специјален медицински лет организиран со помош на Европската Унија. Двајца од нив се хоспитализирани во Брисел, додека останатите двајца се сместени во болници во Антверпен и Шарлероа.

Во знак на почит кон настраданите, македонската Амбасада во Брисел отвори книга на жалост, каде што македонски и странски граѓани, како и дипломатски претставници, можат да изразат сочувство. Книгата ќе биде достапна за потпишување секој работен ден од 10:00 до 12:00 и од 13:30 до 15:30 часот, освен во петок, кога ќе биде достапна само во претпладневните часови.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното