Македонија

Во грчкиот град Катерини уапсен македонски државјанин кој убил човек во Македонија пред 28 години

Во грчкиот град Катерини уапсен македонски државјанин кој убил човек во Македонија пред 28 години

Македонски државјанин, осуден на 15-годишна затворска казна за извршено убиство во земјава во ноември 1997 година, а по кој имало распишана европска потерница, уапсен е во грчкиот град Катерини, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Според истите информации станува збор за 60-годишен државјанин на Македонија, кој веројатно по убиството побегнал во странство и живеел во Бугарија и Турција.

Согласно судските документи од нашата земја, кривичното дело било извршено во ноември 1997 година, а жртва бил 37-годишен македонски државјанин.

Сторителот тогаш, наводно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога жртвата излегла од возилото го нападнал со оружје.

За убиството, една година подоцна бил осуден на 15 години затвор.

АНА-МПА пишува дека уапсениот ќе биде изведен пред обвинител во Солун за да се започне постапката по барањето за негова екстрадиција во земјава.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни