23 лица починаа во Истанбул во последните 48 часа како последица на труење од консумирање на домашен алкохол, соопштија во средата турските власти, јави Си-Би-Ес.
Најмалку 43 лица се хоспитализирани, од кои 32 се на интензивна нега, соопштија турските власти. Од почетокот на новата година вкупно 34 лица починале како последица на консумирање алкохолни пијалаци од сомнително потекло. Се сомнева дека причина за труењето е алкохолот загаден со метанол.
Метанолот е супстанца која често се додава во алкохолот за да се зголеми неговата јачина. Според истражувањата за нелегално произведен алкохол во јужна Турција, наместо етанол се користи метанол бидејќи е поевтин, но може да предизвика слепило, оштетување на црниот дроб и смрт.
Министерството за здравство на Турција сè уште нема дадено официјална изјава во врска со овие случаи.
Труењето предизвикано од консумирање домашен алкохол е честа појава во Турција, каде приватното производство на алкохол вртоглаво порасна поради постојаното зголемување на даноците на алкохолните пијалаци.
Во текот на 2024 година, 110 луѓе се разболеле во Истанбул откако консумирале алкохол од сомнително потекло, од кои 48 починале, објавија владини претставници.
Најчестиот домашен алкохолен пијалак во Турција е ликер од анасон или ракија, чија цена порасна на околу 1.300 лири (37,20 долари) за литар во супермаркетите. Од 1 јануари минималната плата во Турција е зголемена на 22.104 лири (600 долари).
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој е на власт од 2014 година, а претходно беше премиер, одигра клучна улога во измените на турските закони за алкохол.
Од 2013 година, Турција забрани рекламирање алкохол, спонзорство на настани од брендови на алкохол и медиуми кои прикажуваат сцени на консумирање алкохол.