Во текот на вчерашниот ден, Одделението за патнички сообраќај при СВР Скопје спровело вонредна контрола на возила кои вршат јавен транспорт. Проверка била извршена во 49 автобуси и други возила кои вршат транспорт, а како што велат од МВР сите биле испратени на вонреден технички преглед. Констатирани биле бројни дефекти.
„Сите возила се упатени на вонреден технички преглед, при што биле констатирани вкупно 16 неисправности и други недостатоци. Кај осум возила бил неисправен уредот за кочење, кај две уредот за управување, три имале неисправни светлосно-сигнални уреди, а едно неисправни останати уреди, додека две возила немале комплетна опрема. По наведените прекршоци поднесени се 12 барања за поведување прекршочна постапка, издадени се 18 прекршочни платни налози, а 14 возила се исклучени од сообраќај“, се вели во писменото соопштение од МВР.
Од друга страна, директорот на компанијата „Слобода превоз“, под чија надлежност се дел од приватните автобуски превозници, вели дека на технички преглед биле испратени 25 автобуси.
Јовановски тврди дека прегледот е извршен етички, но истакна дека полицијата побарала и опрема која не е потребна за сообраќање низ градот, туку е неопходна за автобусите кои превезуваат патници на подолги релации. Вонредна контрола на автобусите на ЈСП не е направена, туку само на приватните превозници.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ