Меѓу 35 европски земји во 2024 година, 13 биле нето-извозници на електрична енергија, додека 21 била нето-увозничка, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Само една земја – Кипар – не пријавила увоз на електрична енергија, покажува анализата на Euronews.
Меѓу 35-те земји во 2024 година, нето-увозот како процент од електричната енергија достапна за конечна потрошувачка во просек изнесувал -0,5 проценти во рамки на Европската унија, што значи дека земјите на ЕУ во просек извезуваат повеќе отколку што увезуваат. Најголем нето-извоз имаат Шведска и Франција.
Во неколку земји, нето-извозот на електрична енергија значително го надминува увозот. Шведска ја држи најсилната позиција со -27 проценти, а веднаш зад неа е Франција со -22 проценти. Словенија (-19), Норвешка (-14), Словачка (-13), Чешка (-12) и Австрија (-10 проценти) исто така се меѓу најголемите извозници на електрична енергија.
Меѓу четирите најголеми економии на Европската унија, Франција (-22%) и Шпанија (-4%) се нето-извозници, додека Германија (6%) и Италија (18%) се нето-увознички земји.
Земјите кои се нето-увознички обично имаат висок удел на повремени обновливи извори на енергија, бидејќи увезуваат повеќе во периоди без ветер или сонце. Можно е да има годишни флуктуации, а бројките значително се разликуваат од година во година, што е видливо при споредбата на податоците од 2024 и 2023 година. На пример, Грција, која во 2023 година била нето-увозник со стапка од 10 проценти, во 2024 година станала нето-извозник со -0,6 проценти.
Слично на тоа, нето-стапката на увоз на Хрватска нагло пораснала од 10 на 26 проценти во истиот период. Експертите објаснуваат дека овие промени се должат на енергетскиот микс и образците на потрошувачка на електрична енергија.
Според нив, земјите кои се потпираат на природен гас за определување на цената на електричната енергија имаат тенденција да увезуваат повеќе електрична енергија.
Најголем нето-увозник е Италија. Гледано според вкупниот обем на трговија со електрична енергија, двете големи економии стојат на спротивни страни – Италија е најголем нето-увозник со 51.000 гигават-часови, а веднаш зад неа е Германија со 26.269 гигават-часови.
Наспроти нив, Франција е најголем нето-извозник на електрична енергија во апсолутни вредности – со 89.851 гигават-час, а по неа следи Шведска со 33.435 гигават-часови, пренесува АЕРС.