Косовскиот премиер Албин Курти и косовскиот министер за економија г-ѓа Артане Ризваноли ги повикаа граѓаните да штедат струја, јави новинската агенција „Економија онлајн“.
Во видео пораката, Курти рече дека двата месеци на почетокот на оваа година се клучни за решавање на енергетската криза. Според него, за да продолжи нормалното снабдување со електрична енергија по пристапни цени и да се заштеди од семејниот и државниот буџет, граѓаните треба да продолжат и во иднина да штедат енергија.
Курти додаде дека се доделени 95 милиони евра за помош на косовските домаќинства во однос на електричната енергија.
Министерот Ризваноли најави дека по четири години зголемена потрошувачка на енергија, во 2022 година е забележано намалување на потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата, пишува сајтот „Калџо“. Таа рече дека во ноември 2022 година електричната енергија што ја користеле косовските семејства била за 15 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година и им се заблагодари на граѓаните на Косово за нивниот придонес во постигнувањето на овој резултат.
Косовската влада упатува постојани повици за заштеда на електрична енергија, особено во зимските месеци, за да се намали нивото на недостиг на енергија. Имајќи предвид дека Косово е дел од заедничката европска електрична мрежа, страда од огромна енергетска криза како резултат на рускиот напад врз Украина, ситуацијата во која земјата може да се најде во текот на зимските месеци останува нејасна и неизвесна, забележува „ Економија онлајн“.
Косовската енергетска компанија (КЕК) со двете термоцентрали „Косова А“ и „Косова Б“ може да произведе енергија до 800 мегават часови, додека потребите на потрошувачите во зима достигнуваат 1300 мегават часови. Разликата ја обезбедува увезената енергија.
Исто така, од 2022 година, косовската влада ги субвенционира сметките за енергија на сите корисници на универзална услуга. Владата најави и дополнителни средства за оние потрошувачи кои штедат струја.