Тројца шпански државјани и тројца Авганистанци беа убиени кога вооружени напаѓачи отворија оган во петокот во централен Авганистан, соопштија денеска талибанците и шпанските власти.
Седум осомничени се уапсени на местото на настанот во провинцијата Бамијан, главна туристичка област, а истрагата е во тек, изјави портпаролот на министерот за внатрешни работи Абдул Матен Кани.
Тој додаде дека се ранети уште седум лица, пренесува АП.
Кани не ја прецизираше националноста на странските државјани, но шпанското Министерство за надворешни работи соопшти дека тројца Шпанци загинале во нападот, а најмалку еден е ранет.
Талибански функционер во Бамијан, кој сакаше да остане анонимен, рече дека четворицата ранети се странци од Шпанија, Норвешка, Австралија и Латвија.
Кани рече дека сите ранети се пренесени на лекување во главниот град Кабул и дека се во стабилна состојба.
Шпанскиот премиер Педро Санчез на платформата Х напиша дека е „погоден“ од веста.
Мисијата на ОН за помош во Авганистан соопшти дека е длабоко шокирана и згрозена од нападот врз цивилите.
Вината за нападот најверојатно ќе падне на авганистанскиот огранок на Исламската држава, главниот ривал на талибанците, наведува АП.
Милитантите на ИД претходно извршија бројни напади врз училишта, болници, џамии и области на малцинските шиити низ земјата.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, откако американските и НАТО силите се повлекоа од земјата по 20 години.