Во шише на австралиска плажа пронајдени пораки од војници од Првата светска војна

Пораки во шише напишани од двајца австралиски војници неколку дена по нивното заминување со брод на фронтот во Франција за време на Првата светска војна се пронајдени повеќе од еден век подоцна на австралискиот брег.

Шишето Швепс е пронајдено веднаш над линијата на водата на плажата Вартон во близина на Есперанс во државата Западна Австралија од страна на Питер Браун, кој со својата ќерка Фелисити бил на една од редовните семејни експедиции со квадбајк за чистење на плажата од ѓубре, потврди неговата сопруга Деб Браун, објави АП.

„Многу чистиме на нашите плажи за никогаш да не поминеме покрај парче ѓубре. Значи, ова мало шише само стоеше таму чекајќи нè да го собереме“, рече Деб Браун.