Во Словенија се потврдени шест случаи на мајмунска сипаница

Во Словенија досега се потврдени шест случаи на заболени од мајмунски сипаници, а сите пациенти имаат благи симптоми, пишува веб-страницата 24ur.

Националниот институт за здравје подготви водич за оние кои се заразени дома. Треба да останат дома, да ги ограничат контактите и да ги почитуваат препораките за да не се шири болеста, во период што ќе го одреди лекар, појаснуваат од агенцијата СТА.

Се вчитува...

Првиот случај во Словенија беше потврден на 24 мај кај маж кој допатувал од Канарските Острови. Симптомите ги покажал откако се вратил дома. Еден ден подоцна, беше потврден уште еден случај, повторно поврзан со маж кој допатувал од Шпанија.

Досега Светската здравствена организација потврдила 780 случаи на мајмунски сипаници во 27 земји.

Мајмунската сипаница се смета за поблага болест од сипаницата, која беше искоренета во 1980 година. Патогенот се пренесува од човек на човек преку близок физички контакт.