Дваесет и едногодишниот Мартин Сипковски од Македонија е лицето кое загина во силната експлозија што на 1 октомври одекна во стан на улица „Косовска“ во Белград. Според српските медиуми, Сипковски, кој во македонската јавност беше претставен како манекен и поранешен ракометар, загинал поради нестручно ракување со околу 1,5 килограми силен експлозив „Пентрит“, наменет за мафијашка ликвидација.
Идентитетот на Сипковски бил потврден за време на обдукцијата преку ДНК анализа и соработка меѓу српската и македонската полиција. Белградските медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, наведуваат дека станува збор за лице со дебело криминално досие, познато на органите на прогонот во Северна Македонија.
Ова е во целосна спротивност со сликата која за него беше создадена минатата година, кога, како што пренесува „Блиц“, македонските медиуми пишуваа за него како за прв Македонец кој потпишал договор со престижна модна агенција во Истанбул и како студент на Факултетот за бизнис и менаџмент во Скопје. Тогаш беше објавено дека тој го напуштил ракометот, кој го играл за „Вардар“, поради повреда.
Според истрагата, експлозивот наводно бил наменет за ликвидација на членови на криминална организација од Нов Белград. Во врска со случајот, српската полиција го уапсила Филип В. (26), кој се сомничи дека му го дал експлозивот на Сипковски за да му го чува. Уапсениот одбил да открие од каде го набавил експлозивот и за кого бил наменет.
Во експлозијата, освен станот во кој се наоѓал Сипковски, целосно биле уништени и два други стана.