Во Црна Гора само ако потрошите 400 евра имате право на лежалка: Дали луксузот на Јадранот отиде предалеку?

Ако мислевте дека веќе сте виделе сè кога станува збор за луксузот на црногорското приморје, приказната за плажа во близина на Будва непријатно ќе ве изненади. Цените на плажа на луксузен хотел дефинитивно ја затвораат темата за прескапи лежалки. Имено, дневен престој на оваа плажа чини неверојатни 400 евра.

Оваа сума не е цената на самата лежалка, туку минималниот трошок што треба да го потрошите за храна и пијалак за да го добиете вашето место под сонцето – односно две удобни лежалки со чадор за сонце. Србин кој се пожали на скромното сместување од 40 евра дневно во Црна Гора веројатно би се согласил доколку слушне дека некои плаќаат 400 евра само за еден ден уживање на лежалки покрај море.

Се вчитува...

На веб-страницата на хотелот јасно е посочено дека 400 евра е минимумот што треба да го подготвите. Сепак, оваа сума важи за двајца – така што добивате две лежалки и чадор за сонце, а се надвор од тоа секако дополнително се наплаќа. Доколку има група од четири лица, можат да резервираат двојни лежалки и заедно да потрошат минимум 600 евра.

Инаку, оваа плажа пред неколку години стана позната како најскапа во Црна Гора, бидејќи тогаш лежалките се наплаќаа за 150 евра. За таа цена, покрај лежалки, чадори и крпи, добивте и шише со популарен алкохолен пијалак или леден чај, овошје и четири шишиња вода. Како што тогаш забележаа медиумите, плажата најмногу ја посетуваат јавни личности, спортисти, политичари и актери, а гостите најчесто доаѓаат со глисери и јахти, бидејќи пристапот од морето е многу полесен, пренесува санџакданас.

Дополнителна атмосфера на оваа плажа ја прават музиката и свеќите. Во недела попладне, гостите уживаат во диџеј што свири во придружба на саксофон или виолина, а навечер се палат свеќи за да се создаде романтична атмосфера. И додека за повеќето луѓе овие цени звучат како луд луксуз, останува прашањето – дали ова навистина вреди толку многу пари? Или Црна Гора, која порано беше симбол на природна убавина достапна за сите, сега стана игралиште само за богатите?