Во Турција уапсени девет лица во врска со пожарот во хотелот

Девет лица се уапсени во Турција, вклучително и сопственик на хотел, во врска со смртоносниот пожар во кој загинаа 76 лица, а десетици беа повредени, изјави рано денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја. Пожар избувна во ски-центар во западна Турција.

Јерликаја извести и дека телата на 45 жртви се предадени на нивните семејства, додека Институтот за форензика врши ДНК тестови за идентификација на преостанатите тела.

Пожарот избувна во хотелот Гранд Картал во ски-центарот Карталкаја на планината Болу.

Раководството на хотелот каде што избувна пожарот во средата преку соопштение изрази длабока тага и вети целосна соработка со истрагата.

„Соработуваме со властите за расветлување на сите аспекти на овој инцидент. Длабоко сме тажни поради загубите и сакаме да знаете дека со сето срце ја споделуваме оваа болка“, се вели во соопштението.

Хотелот од 12 ката, во кој имало регистрирани 238 гости, бил зафатен од пламен откако околу 3:30 часот по локално време избил пожар на катот на ресторанот. Преживеаните опишаа дека трчале низ зачадени ходници и скокале од прозорците за да избегаат.

Властите се соочуваат со зголемени критики поради безбедносните мерки на хотелот, бидејќи преживеаните известија дека за време на инцидентот не се огласил аларм за пожар.

Гостите рекоа дека морале да се движат по зачадените ходници во целосна темнина.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја прогласи средата за ден на жалост.

Трагедијата се случи во екот на зимската туристичка сезона, а многу семејства од Истанбул и Анкара отпатуваа во Болу на скијање.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното