Во возилот на Министерството за внатрешни работи пронајдена дрога, за која од МВР за 4NEWS.mk велат дека била заборавена од 2016 година, а станува збор за одземено возило во една од тогаш спроведените акции.
Во текот на вчерашниот ден вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто паркот на МВР, кое инаку МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016 година.
Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана, која била скриена во бункери под седиштата. Но, вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде пак е отстапено на МВР.
„Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје, а за целиот случај го известивме и нашето јавно обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот“, додаваат од МВР за 4NEWS.mk