Метрото во Киев е повторно во функција, а водоснабдувањето е вратено. Ова го соопшти градоначалникот на главниот град на Украина, Виталиј Кличко, еден ден по последниот бран руски воздушни напади врз критичната инфраструктура, пренесува Ројтерс.
Според украинските власти, Русија вчера истрелала повеќе од 70 проектили, што е еден од најголемите руски напади од инвазијата на 24 февруари. Воздушните напади предизвикаа итни прекини на електричната енергија низ целата земја.
Градоначалникот на Киев додаде дека греењето е обновено во половина од градот, а струјата сега е достапна во две третини од главниот град.
Во „Телеграма“, пак, прецизира дека продолжува да се запазува распоредот за вонредни прекини, бидејќи дефицитот на електрична енергија е значителен.
Претходно овој месец, Кличко предупреди на „апокалиптично сценарио“ за украинскиот главен град доколку продолжат руските воздушни напади врз инфраструктурата, но исто така рече дека сè уште нема потреба луѓето да се евакуираат.
„Ние се бориме и правиме се што можеме за да се осигураме дека тоа нема да се случи“, рече тој на 7 декември.