Најмалку 45 лица загинаа, а повеќе од десет се повредени кога воен авион Антонов се урна во населено место во Судан веднаш по полетувањето.
Несреќата се случила во вторникот во градот Омдурман, а властите денеска соопштија дека загинале најмалку 46 лица.
Авионот Антонов се урна веднаш по полетувањето од воздухопловната база Вади Саџидна, која се наоѓа на северот на градот. При падот на авионот, оштетени се бројни куќи во областа Карари, јавуваат локалните медиуми.
Армијата претходно соопшти дека во авионската несреќа загинале припадници на вооружените сили и цивили, но не прецизираше точен број на жртви. Исто така, не е прецизирано што ја предизвикало несреќата. Министерството за здравство соопшти дека некои тела се пренесени во болницата Нау во Омдурман.
Судан е во состојба на граѓанска војна од 2023 година, кога тензиите меѓу војската и озлогласената паравоена група, Силите за брза поддршка (РСФ), ескалираа во отворен конфликт.
Борбите ги опустошија урбаните области и беа обележани со злосторства, вклучувајќи масовни силувања и етнички мотивирани убиства, кои Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права ги сметаат за воени злосторства и злосторства против човештвото, особено во западниот регион Дарфур.
Војната дополнително ескалира во последниве месеци, а армијата бележи постојан напредок против РСФ во Картум и други делови од земјата. РСФ, која го контролира поголемиот дел од западниот регион Дарфур, соопшти дека во понеделникот соборила воен авион во Нијала, главниот град на провинцијата Јужен Дарфур.